Роџер Федерер е подготвен да се врати на тенисот по пауза од два месеци. Швајцарецот оваа недела ќе игра на турнирот од Серија 250 во Женева.
Љубителите на тенисот со нетрпение го очекуваат неговото враќање на натпреварите, но самиот Роџер е свесен дека ќе му треба време да се врати во форма.
„Во моментов не можам да се споредувам со другите, ми требаат десетина натпревари за да дознаам каде сум. Сè уште има многу сомнежи за мојата форма, иако сè оди добро на тренинг, ситуацијата е сосема поинаква од порано, не може да се спореди ниту со онаа од 2016 година. Овој пат сум многу поназад од позицијата во која бев тогаш, пред пет години“, вели Роџер.
Тој изјави дека сака да игра и на земја, иако можеше да го прескокне тој дел од сезоната и да се појави на трева.
„Имав многу опции околу оваа помала турнеја на земјени терени, можев да ја прескокнам целосно. Сепак, чувствував дека сум подготвен за турнири. Женева е мал тест, за мене е поголем тест за да видам дали можам да комбинирам неколку турнири по ред. Сега пред мене се Женева и Ролан Гарос, тие се дизајнирани да бидат еден вид на мое враќање. Таму натпреварите ќе бидат еден вид тренинг за мене, но на привилегирано ниво. Искрено, размислував за тие рокови кога да се вратам, имаше долги разговори со членовите на тимот дали да се натпреваруваме на земја или не, ние дури размислувавме да играме само на помали турнири и да не играме на „Ролан Гарос“. Сепак, најдобрата идеја беше да одиме во Женева и потоа во Париз. Ако сè биде во ред, следните постојки после тоа ќе бидат Хале и Вимблдон, на трева. Ќе видиме колку време ќе ми треба за да го достигнам посакуваното ниво“, вели Федерер.