Иако многумина кои ги носат ќе се согласат дека контактните леќи се еден од најдобрите пронајдоци, тие можат неповратно да го оштетат видот ако не се користат правилно. За среќа, ваквите случаи се ретки, но приказните за слепило и појавата на паразити во очите потврдуваат колку е важно да се придржувате до упатствата за правилна употреба на контактни леќи.
Оптичарот Шерон Копланд вели: „Постојат некои вообичаени грешки кои луѓето ги прават кога се грижат за своите контактни леќи, па затоа составивме неколку забранети работи кои се однесуваат на носењето леќи“.
1. Избегнувајте туширање додека носите контактни леќи
Лесно е да заборавите дека носите леќи кога брзо скокате под туш. Но така се изложувате на ризик од секакви инфекции.
Шерон рече: „Сите видови вода се штетни за контактните леќи, затоа треба да избегнувате туширање додека ги носите. Ако случајно стапнете под туш со контактни леќи, затворете ги очите, внимателно излезете од тушот, исушете ги рацете темелно и отстранете ги контактните леќи“.
Водата содржи милиони бактерии и, доколку се заглави околу вашите леќи, може да предизвика иритација и полека да го оштети видот.
Една состојба се нарекува Acanthamoeba keratitis и таа, иако ретка, може да има многу сериозни последици и потенцијално да доведе до губење на видот. Таа е предизвикана од паразит наречен Acanthamoeba кој се наоѓа во многу видови вода низ целиот свет, вклучувајќи базени и вода од чешма.
Се подразбира дека исто така, никогаш не треба да ги чистите леќите со вода. Наместо тоа, користете само специјализиран раствор за чистење.
2. Не ги тријте очите
Полен, прашина, шминка или само замор – има многу причини зошто ги триеме очите.
Но, на оние кои имаат контактни леќи, Шерон им порачува: „Честото триење на очите може да ја помести контактната леќа или да ја турне на горниот очен капак“.
Исто така, тоа може да доведе до пренесување на бактерии од валкани раце на вашите очи.
3. Никогаш немојте да спиете со контактни леќи
Ако носите контактни леќи, веројатно понекогаш ќе заборавите да ги извадите поради исцрпеност.
Меѓутоа, создавањето на оваа навика е опасно затоа што очите се многу суви за време на спиењето. Покрај сето тоа, леќите можат да го ограничат снабдувањето со кислород во очите, полека предизвикувајќи чирови и воспаленија.
Ако заспиете додека носите контактни леќи, не обидувајте се да ги отстраните премногу брзо. Нежно масирајте ги очите за да создадете влага или користете капки за очи за да не мора да ги „откорнувате“ леќите од суви очи, што може да биде болно.
После тоа, ако можете, одморете ги очите од контактните леќи неколку дена.