Нема компромиси и отстапки кога станува збор за здравјето на граѓаните! Загрижено и внимателно пристапивме кон изнесените информации на Истражувачката репортерска лабораторија – ИРЛ (Investigative Reporting Lab Macedonia) за постоење сомневања за увоз на токсични нафтени деривати опасни по здравјето на животната средина, објави вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, Љупчо Николовски.
Според него, на денешната владина седница на предлог на неговиот Кабинет, побарале брзи, темелни и детални проверки на сите информации за случајот.
„Владата наложи институциите да ги направат контролите веднаш, а рокот за достава на информациите е 14 дена. Редовно ќе ја информираме јавноста за сите нови информации поврзани со увозот на нафтени деривати, за кои беа изнесени сомневања“, истакна Николовски.
Истражувачката репортерска лабораторија и Македонската радио телевизија во документарецот „Заговор против воздухот“ го отвора прашањето за загадениот воздух во Македонија, како и мазутот кој се увезувал кај нас.
Најголем „клиент“ на компанија од Кичево, која го увезувала спорното масло од Чешка преку Босна и Херцеговина, е поранешната фабрика ФЕНИ, а сега „Еуроникел“ од Кавадарци. Друга позната домашна компанија која го користела горивото е „Брако“ на бизнисменот и поранешен функционер Кочо Анѓушев. Според ИРЛ, двете компании почнале да го користат „босанскиот“ мазут по средба во Владата меѓу Кочо Анѓушев, како тогашен вицепремиер, и претставници на босанската и домашната фирма вклучени во набавката.