Во САД повици за бојкот на Зимските олимписки игри во Кина

од Vladimir Zorba
114 прегледи

Претседателот на Претставничкиот дом на американскиот конгрес, Ненси Пелоси, повика на дипломатски бојкот на Зимските олимписки игри следната година во Пекинг, критикувајќи ја Кина за кршење на човековите права.

Пелоси верува дека глобалните лидери кои ќе присуствуваат на Олимписките игри ќе го изгубат својот морален авторитет, пренесе Ројтерс.

„Ако шефовите на држави одат во Кина додека трае геноцидот, навистина се поставува прашањето, за каков морален авторитет треба повторно да зборувате за човековите права на кое било место во светот?“, рече Пелоси.

Комитетот на ОН за елиминација на расна дискриминација во 2018 година објави дека добил веродостојни извештаи дека најмалку еден милион Ујгури и други муслимани биле затворени во логори во кинескиот регион Ксинџијанг.

Кина, сепак, посочува дека ова се центри за стручна обука за борба против екстремизмот и остро ги отфрла обвинувањата за злоупотреба и геноцид.