Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека одлуката на Европската фудбалска федерација (УЕФА) да го премести финалниот натпревар во Лигата на шампионите помеѓу англиските клубови Манчестер Сити и Челси од Истанбул во Порто е политичка.
„Пред неколку години бевме известени дека финалето ќе се игра во Турција, но сè се смени кога два англиски клуба се квалификуваа на тој натпревар. Не можевме да стигнеме до британскиот премиер Борис Џонсон и тој изврши голем притисок врз ова прашање“, истакна Ердоган.
Според него, разговорите на Турција со УЕФА и британските министри не постигнале никакви резултати, а на Истанбул му беше ветено финалето во Лигата на шампионите во 2023 година.
УЕФА минатата недела објави дека финалето на Лигата на шампионите ќе биде преместено од Истанбул во Порто на 29 мај, така што англиските навивачи ќе можат да патуваат на мечот откако Турција се најде на британската „црвена листа“ на патувања поради пандемијата на коронавирус.