Мијалков останува во притвор – судот ја одби гаранцијата од 10.8 милиони евра

од Andreja Salpe
249 прегледи

Кривичниот совет во Основниот кривичен суд во Скопје ја одби понудената гаранција од 10,8 милиони евра која ја понуди поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.

Советот смета дека и покрај понудената гаранција, сè уште постои опасност тој да избега.

„Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција, по добиено позитивно мислење од надлежното обвинителство, за уважување на предлогот за укинување на мерката притвор со замена – гаранција, донесе решение со кое предлогот на одбраната се одбива како неоснован. Советот, по проучување на списите во предметот, смета дека сè уште постојат причини поради кои била определена мерката притвор, имајќи ги предвид видот и карактерот на кривичните дела како и висината на изречената казна“, велат од судот.

Ваквата одлука следи откако Обвинителството вчера информираше дека се согласува со понудената гаранција. Според нив, гаранцијата од 10.871.170 евра е прифатлива за Обвинителството за обезбедување на присуство на обвинетиот до правосилноста на пресудата. Во Обвинителството молк како се случи пресврт во одлуката, којашто ја донеле обвинители кои до скоро предупредуваа дека постои опасност од бегство на Мијалков. Во јавноста, пак, бруи од реакции во кои се оценува дека слободата нема цена, само тогаш кога нема со што да се плати.

Мијалков издржува мерка притвор за случајот „Трезор“, каде што е неправосилно осуден на 8 години затвор.

Слични содржини