Прекинот на огнот меѓу Израел и палестинската група Хамас стапи на сила рано наутро во петокот, на 21 мај. Договорениот прекин на огнот стави крај на 11-дневното бомбардирање, во кое загинаа повеќе од 230 лица, главно во Газа.
И Израел и Хамас прогласија победа во нивниот конфликт.
Илјадници излегоа на улиците во Газа и палестинските територии непосредно по почетокот на примирјето, славејќи го крајот на конфликтот, веејќи знамиња и покажувајќи со рацете знак на победа, додека властите на Хамас предупредија дека „прстите им се на активирачите“.
Бајден го поздрави примирјето, вети помош за Газа
Американскиот претседател Џо Бајден го поздрави примирјето меѓу Израелците и Палестинците со посредство на Египет и истакна дека САД ќе продолжат со „тивка и немилосрдна дипломатија што ќе донесе вистинска можност за напредок“.
Бајден вети дека Соединетите Американски Држави (САД), во соработка со Обединетите нации и другите меѓународни чинители, ќе доставуваат хуманитарна помош за луѓето во Газа и ќе учествуваат во реконструкцијата на таа област.
Американскиот претседател посочи дека помошта за реконструкција ќе се изврши во соработка со палестинските власти, а не со Хамас, која САД ја нарекуваат терористичка организација. Умерена палестинска струја владее само со делови од окупираниот Западен брег, додека Хамас контролира поголем дел од територијата во Појасот Газа.
„Ова ќе го сториме во целосна соработка со палестинските власти, но не и со Хамас, на начин што нема да дозволи Хамас едноставно да ги надополни своите залихи на оружје“, рече Бајден, кој се најде на удар на членовите на Демократската партија поради ставот дека Израел има право да се брани од ракетите на Хамас и поради начинот на кој ги водеше преговорите за прекин на огнот.
„Верувам дека Палестинците и Израелците заслужуваат да живеат безбедно и да уживаат во слобода и демократија во еднаква мерка. Мојата администрација ќе продолжи со тивка и немилосрдна дипломатија кон таа цел“, рече Бајден.
Државниот секретар на САД наскоро ќе замине на Блискиот исток, ЕУ го поздрави примирјето
Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен на својот Твитер објави дека ќе го посети Блискиот исток „во следните денови“, по стапувањето во сила на примирјето меѓу Израел и палестински Хамас во Појасот Газа.
„Ќе го посетам регионот во следните денови и со нетрпение очекувам да се сретнам со израелскиот министер за надворешни работи и други израелски, палестински и регионални претставници“, напиша Блинкен.
„Целта на овие состаноци е да работиме заедно за да изградиме подобра иднина
Израелците и Палестинците“, соопшти Стејт департментот.
Блинкен веќе разговараше со неговиот израелски колега Габи Ашкенази и го поздрави прекинот на огнот.
Во разговорот, двајцата официјални лица изразија благодарност за напорите на Египет за посредување, кои одржуваат односи и со Израел и со Хамас, кои Израел, Европската унија и САД ги сметаат за „терористи“.
Се огласи и претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лејен, која го поздрави договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас и ги повика двете страни да го надградат.
„Ги повикувам двете страни да ја консолидираат и стабилизираат ситуацијата на долг рок. Само политичко решение ќе донесе траен мир и безбедност на сите“, напиша претседателот на ЕК на Твитер.
Најмалку 232 лица се убиени од 10 мај досега
Во четвртокот, израелските сили извршија повеќе од 100 напади врз инфраструктурата на Хамас во северна Газа, додека милитантна група возврати со ракетен оган.
Борбите започнаа на 10 мај по повеќенеделни тензии во окупираниот источен Ерусалим.
Најмалку 232 лица беа убиени во Газа, вклучително и повеќе од 100 жени и деца, додека израелската страна тврди дека меѓу убиените има најмалку 150 милитанти. Хамас не ги објави своите податоци.
Дванаесет лица, вклучително и две деца, беа убиени во Израел, а израелските власти соопштија дека околу 4.000 проектили биле испукани на нивна територија.