Водечките клубови ќе загубат 8 милијарди евра поради короната

од Vladimir Zorba
165 прегледи

Водечките европски фудбалски клубови ќе изгубат повеќе од осум милијарди евра поради пандемијата на коронавирус, се вели во извештајот на Европската фудбалска федерација (УЕФА).

Извештајот покажува дека четири милијарди евра се изгубени поради непродадени билети, 2,7 милијарди евра од спонзорски договори и 1,4 милијарди евра од приходите од ТВ-емитувањето.

Големите загуби се рефлектираа и во зимскиот трансфер период, при што потрошувачката падна за 56 проценти во јануари во споредба со минатата година. Летниот преоден рок падна за 39 проценти во однос на претходната година.

УЕФА наведува дека е неопходна реформа на правилата за финансиски фер-плеј и дека надоместоците и заработката од трансфери мора да се намалат на прифатливо ниво, пренесе Хина.

Исто така, во извештајот на Европската куќа на фудбалот се споменува Суперлигата, која според нив би имала „катастрофално влијание врз европскиот фудбал од спортска, емоционална и финансиска перспектива“.

„Одметнатата лига не може да биде одговор на пандемија“, се додава во извештајот.

– Враќањето на финансиското здравје и раст бара процес на финансиска дисциплина, внимателно управување и долгорочно планирање. Само со почитување на пирамидата и принципите на промоција и испаѓање од спортски заслуги, европскиот фудбал ќе може да продолжи да расте – се наведува во извештајот на УЕФА.

Слични содржини