Заев: Македонската државност се издигна низ вителот на војната,патот по кој треба да продолжиме е европскиот пат

од Andreja Salpe
243 прегледи

Благодарение на храбрите борци на НОБ водени од начелата за правда, солидарност и еднаквост, денес сите ние Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и сите други, имаме патриотска должност да се обединиме во создавањето на едно праведно општество за сите во кое ќе владеат принципите на правда, одговорност и еднаквост, порача денеска премиерот Зоран Заев во обраќањето по повод 73 години од основањето на Сојузот на борците, како дел од серијата свечености со кои годинава се одбележува големиот јубилеј – 80 години од Народното востание.

Додаде дека во темелот на македонската државност се вградени заложбите, напорите и саможртвата на огромен број генерации на борци, кои не се штедеа себеси, ниту својата младост и своите животи.

Овие борци, рече тој, без разлика на пол, вера, убедување и народност, но водени од желба за подобар живот одважно и недвосмислено застанаа на вистинската страна на историјата во тие бурни и преломни времиња. А благодарение на овој подвиг денес ја имаме Република Северна Македонија, меѓународно призната држава со сите постулати на државност, членка на Обединетите нации со кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет.

Тој посочи дека секоја генерација е должна да го понесе својот дел од товарот во борбата за праведно општество и дека борбата на сегашните генерации е да обезбеди развиена, безбедна и силно меѓународно интегрирана држава, во која младите ќе имаат просперитетна иднина.

-Горди сме на нашето учество во големата светска антифашистичка коалиција. Денес Северна Македонија е дел од моќното НАТО семејство, споделувајќи ги демократските вредности. Нашата држава стана фактор за стабилност во регионот и извозник на безбедност. Оваа генерација направи непоколеблив избор и силно ја потврди определбата за напредок и благосостојба во европското семејство, во Европската Унија меѓу напредните нации. Водени од светлиот пример кои ни го оставивте, борките и борците, ја продолжуваме грижа, заштита и унапредување за нашиот мајчин јазик и нашиот македонски идентитет, нагласи премиерот Заев.

Владата, порача премиерот, останува и понатаму посветената на поддршката на Сојузот на борците во негувањето на традициите и на светлите датуми од Народноослободителната борба за зачувување и чествување на остварувањата од кои се роди македонската државност. Со 5 милиони денари расчистени се долгови, возобновена е канцеларијата и се работи на оние долгови коишто уште останаа.

Претседателот на Главниот одбор на Сојузот на борците Никола Стојаноски како преживеан учесник од Втората светска војна водена заедно со сојузниците, истакна дека е горд на заветот што го оставија тие генерации, преку херојската четиригодишна борба, со огромни жртви и самопрегор.

Пред присутните во Домот на Армијата тој искажа благодарноста кон премиерот Заев за личната грижа и поддршката во насока на зачувување на овие вредности и активното запознавање со нив на новите генерации, продолжувањето на слободарските традиции и напредокот на државата.

Потпретседателот на главниот одбор Борко Зафировски во оваа пригодна прилика посочи дека членовите учесници во НОБ, но и сите поддржувачи и добронамерно граѓани нема да ги заборават лошите и понижувачки години кога преку навреди, шиканирања и хајки се преправаше и бришеше нашето историско минато, а со тоа се негираа темелните вредности на нашата држава.

На премиерот Заев во оваа прилика му беше доделена Благодарница за особен придонес во афирмацијата на Сојузот на борците и придонесот во заедничкиот пат кон современа и просперитетна држава.

Слични содржини