Денес премиерот Зоран Заев се ревакцинираше, односно ја прими втората доза од вакцината на кинеската компанија „Синофарм“. Како и првиот пат, така и овој, премиерот се имунизираше во масовниот пункт за вакцинација во арената „Борис Трајковски“.
„Премиерот Заев се чувствува одлично и ќе го продолжи работниот ден согласно неговата агенда. Тој ги повикува сите граѓани кои досега не се регистрирале на порталот vakcinacija.mk тоа да го сторат што побргу, сé со цел да постигнеме колективен имунитет и да прогласиме победа врз пандемијата предизвикана од КОВИД-19“, соопштија од владината прес-служба.
„Се чувствувам добро и ќе ги продолжам работните обврски. Ги повикувам граѓаните да се пријават за вакцинација за да може летово што поголем број лица да бидат имунизирани”, рече премиерот Заев на 6-ти мај, кога ја прими првата доза од вакцината.
Во текот на вчерашниот ден почна вакцинација на лицата со ретки болести заведени во Националниот регистар за ретки болести. Вакцинацијата ќе се изведува во наредните неколку дена на вакциналните пунктови во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
„Се вакцинираат и родителите и старатели на малолетните лица од овој регистар кој има околу 60 различни дијагнози на ретки болести. Покрај овие лица ќе се вакцинираат и пациентите со цистична фиброза. Во оваа категорија ќе се вакцинираат и родителите и старателите на малолетните лица со Цистична фиброза“, соопшти Министерството за здравство.
Неделава завршува и вакцинацијата на околу 2000 пациентите кои се на дијализа, чекаат орган на листите за трансплантација, имаат трансплантиран орган или и самите се донори.