Туристите од Србија кои сакаат да летуваат во Грција, но немаат доказ дека прележале коронавирус или не биле вакцинирани, можат да направат ПЦР-тест во С. Македонија по цена од околу 40 евра, објавија српските медиуми. Меѓутоа, доколку бидат тестирани во некои од хотелите, каде, наводно, се обезбедува и таа услуга, може да добијат фалсификуван негативен тест, предупредува порталот „nikana.gr“.
– Внимание. Деновиве се вели дека лажни тестови се појавиле во С. Македонија. Всушност, кога сте тестирани во хотел, може да се случи примерокот воопшто да не биде однесен во лабораторија и да добиете фалсификуван негативен резултат. Тие дури велат дека ова е најчестиот случај. Дали е вистина или не, не знаеме, но не заборавајте да бидете внимателни. Подобро е да посетите лабораторија во Гевгелија, Скопје или на некое друго место – ги советуваат туристите од овој портал.
Порталот претходно објави дека е можно и тестирање во некои хотели, но сега тие забележуваат дека сепак е подобро да се тестира на проверено место.
– Патем, ПЦР-тестот во Северна Македонија чини 40-50 евра. Се надеваме дека ПЦР-тестовите ќе бидат укинати за деца до 10-годишна возраст барем од јуни, но и дека цените ќе паднат во Србија – заклучуваат тие.
Тестирањето во Србија чини 9000 динари по лице, што е голем трошок за семејство во кое, на пример, никој не е вакциниран.
Затоа, деновиве социјалните мрежи се преплавени со реклами за сместување и поевтино тестирање во Македонија, каде веќе е развиен сериозен медицински туризам, пишуваат српските медиуми.