Партијата „Напред Италија“ на Силвио Берлускони остана во парламентот без 12 пратеници, кои се приклучија на новата десноцентристичка партија „Храбра Италија“, основана од градоначалникот на Венеција – Луиџи Бруњаро и гувернерот на Лигурија, Џовани Тоти.
Партијата „Храбра Италија“ веќе има 24 пратеници и седум сенатори, а меѓу другите, и се придружија и петмина пратеници на Движењето на Пет Ѕвезди, објави Политико.
За Берлускони тоа е лоша вест, која дојде откако последните анкети на јавното мислење покажаа дека „Форца Италија“, која освои 14 проценти од гласовите на изборите во 2018 година, сега има поддршка од само седум проценти од гласачите.
Брунаро денеска во парламентот рече дека „и посакува сè најдобро на партијата „Форца Италија“ и другите партии од десниот центар“, но истакна дека е време новото движење да го преземе водството во тој политички спектар.
„Благодарност до Берлускони кој секогаш беше храбар, но сега мора да гледаме напред, ние сме во друга ера. Не сме против никого, благодарам на сите, но мора да гледаме кон иднината, потребни ни се млади луѓе“, рече Бруњаро.
Претседателот на парламентарниот клуб на новата партија „Храбра Италија“, Марко Марин рече дека ќе ја поддржи владата на националното единство и дека ќе му помогне на премиерот Марио Драги.