НУК: Да не се чудиме ако во кафулињата имаме секој ден пладневни и вечерни свадби

од Берта Китинска
368 прегледи

Независната угостителска комора бара да се дозволи музика на сите прослави, а не само на свадбите и смета дека препораката на Комисијата за заразни болести да се дозволат прослави ќе предизвикаат хаос во работењето и новото секојдневие.

„Да не се чудиме ако од утре во сите угостителски објекти имаме секој ден пладневни и вечерни свадби сѐ со цел да овозможиме присуство на музичари и постанеме држава во која ќе има и по илјада свадби на ден поготово преку викенди“, велат од НУК.

Од таму додаваат дека Комисијата за заразни болести и понатаму предлага мерки и препораки за работењето на угостителските објекти без да најде време и начини да се консултира или советува со претставници на угостителската индустрија за начинот и можноста на нивната реална примена во секојдневното работење.

„Безвредна е препораката да се дозволи организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица ако присуство на музичари е дозволено само при организирање на свадби, а согласно соодветен протокол. За какви веселби и прослави дискутираме односно какви протоколи Комисијата за заразни болести предлага ако присуството на т.н. музичари и понатаму е “забрането” односно “дозволено” само на свадби. Да не се чудиме ако од утре во секој угостителски објект гледаме младоженци односно сите угостителски објекти преку ноќ организираат свадби со присуство на музичари“, се наведува во соопштението.

Комората бара Владата да го врати членот 13 со кој ќе со дозволи организирање на музички настани со настап на музички уметници во отворен и затворен дел од објектот (пејачи/музички групи/диџеи) во сите угостителски објекти согласно протоколите за работа, а постојната препорака за јачина на музиката точка 14 со која се ограничува максималното ниво на бучава во угостителските објекти за исхрана на 55 децибели ќе ја укине во целост.

„Владата да не заборави и да одобри работење на внатрешните делови на сите угостителски објекти со оглед дека голем дел од постојните објекти немаат соодветни тераси како би можеле угостителите сопственици на овие објекти како и останатите колеги – угостители да ја обавуваат својата дејност согласно важечките протоколи“, велат од НУК.

Слични содржини