Влада: Доставени извештаите за токсичниот мазут, но за дополнување потребни ќе бидат уште 7 дена

од Nikola Popovski
349 прегледи

Владата на Република Северна Македонија денеска под координација на претседателот на Владата Зоран Заев, заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и министерот за економија Крешник Бектеши,  ги разгледа извештаите поднесени од страна на надлежните институции, поврзани со информациите за случајот со увоз на нафтени деривати. Во рамки на рокот од 14 дена, по владините задолженија дадени на предлог на заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, сите институции, Министерството за економија, Царинската управа, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и Бирото за метрологија, доставија извештаи. Извештаите содржат информации во врска со почитувањето на одредбите од Правилникот за квалитетот на течните горива, податоци за увоз на нафтени деривати во периодот 2018-2020 година,  извршени надзори од страна на инспекторатите во компаниите увозници и корисници.

Се работи за обемна документација и по направениот пресек на досегашните добиени информации, се донесе одлука дека е неопходно за одредени наоди, дел од надлежните институции да достават дополнителни информации во рок од седум дена.

Царинската управа е дополнително задолжена, да го дополни извештајот со податоци за сите компании увозници на мазут и масло за ложење за периодот 2018-2021 година. Исто така, Царинската управата треба да достави извештај за постапување по претставки за увоз и извештај со податоци за спроведени контроли на мазут во нивната лабораторија и во акредитираните лаборатории.

Владата ги задолжи Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси и Министерството за економија, заедно со Царинската управа, ДПИ и ДИЖС, по извршените анализи на досегашните информации да направат сублимат и истиот да го достават на следната владина седница.

Дополнително, Владата ја задолжи Царинската управа да ги споделува сите информации за влез на нафтени деривати со ДПИ, со цел поефикасно спроведување на надлежностите.

Слични содржини