Новото изненадување кое треба да биде соопштено денес од страна на ДУИ, сепак не е заеднички кандидат Албанец на ДУИ и СДСМ за градоначалник на Скопје.
Повеќе медиуми почнаа да шпекулираат дека ДУИ и СДСМ на локалните избори ќе настапат со поранешниот министер за здравство и бизнисмен од Сарај, Имер Селамани.Но, оваа информација беше демантирана од страна на премиерот Зоран Заев.
„Не, не се работи, за тоа, се работи за нешто кое што претставува модернизација на нашиот коалиционен партнер и логично е да оставам за деталите да зборуваат тие, а секако е во духот на тоа што го работиме како Влада. Ќе ги видите деталите како што ги презентиравме нашите промени . Воопшто не е разговарано за таква работа, за заеднички кандидат или за компензации или нешто слично. Не. Се работи за платформа политичка, перспективи, иднина и така натаму“, истакна Заев.
По оваа информација, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов соопшти дека тој повторно ќе се кандидира за градоначалник.
Не само што ќе се кандидирам за градоначалник, туку и ќе го добијам вториот мандат, рече градоначалникот Петре Шилегов одговарајќи на новинарско прашање дали тој ќе биде кандидат на претстојните локални избори или СДСМ ќе поддржи кадар на ДУИ.
Градоначалникот Шилегов рече дека таквата информација која деновиве излезе во јавноста е лажна вест и оти бил запрепастен како со леснотија се креира и шири лажна вест.
Ахмети ќе соопшти убава вест
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети со сабота ќе соопшти убава вест, вели премиерот Зоран Заев кој не сака да откри за што станува збор.
– Убава зтоа што е целосно во корелација со работењето на Владата, споделено е со нас, убава е затоа што е модерна и соодветна за 21 век. Тоа е освежување и новина – рече Заев но не откри детали бидејќи тоа е агенда на ДУИ.
На роденденот на ДУИ, секогаш има изненадувања
„Стана пракса на роденденот на ДУИ, секогаш да се објавува нов концепт, ново поглавје нов пристап“, вака министерот за надворешни работи, Бујар Османи ги коментираше за веста што лидерот на ДУИ, Али Ахмети ќе ја соопшти во сабота.
Османи потенцира дека многу добра вест би била да се реши спорот со Бугарија, но засега такво нешто не може да потврди.
„Во сабота ќе биде објавен важен концепт“, посочи Османи за емисијата „24 анализа“.
Арбер Адеми од ДУИ вели дека на 5-јуни ќе биде изненадување тоа што Ахмети ќе го соопшти.
„Јас не знам, сигурен сум“, додава Адеми, во гостувањето на ТВ Алсат.