Во Гевгелија заедно со првите економски советници ги завршивме широките консултации со бизнис заедницата и локалната власт. Најдовме убава симбиоза меѓу амбициите на економската дипломатија, и потенцијалите на општина Гевгелија, објави министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој денес беше на посета на општина Гевгелија каде беше заокружена турата на низ 14 градови на државата.
Тој наведе дека следниот економски советник ќе биде испратен во Софија, бидејќи бизнисот и економските односи треба да ги предводат политичките релации.
„Со Бугарија имаме пристоен раст во трговската размена, но сѐ уште постои и недоволно искористен потенцијал за економска соработка“, потенцира Османи.
Инаку, економските советници успешно ги завршија сите четири фази на подготовки, и тоа подготовки во рамките Министерството за надворешни работи, посетии консултации со сите релевантни министерства, стопански комори и институции поврзани со економијата на централно ниво, теоретски предавања од еминентни професори по економија, како и посета на општини и локални компании.
Во рамките на посета на општините, тие ги поминаа и Тетово, Гостивар, Струга, Охрид, Битола, Прилеп, Кавадарци, Крушево, Штип, Виница, Берово, Струмица, Дојран и денес во Гевгелија.
Првите четири економски советници, како пилот проект, ќе бидат испратени и ангажирани по Амбасадите на Северна Македонија и тоа ДКП Варшава, надлежен за земјите од Вишеградската група, Генералниот Конзулат во Минхен, надлежен за Германија и Австрија, во ДКП Анкара, надлежни за Република Турција и ДКП Абу Даби надлежен за Обединетите Арапски Емирати и земјите од Советот за соработка во Заливот.