„Тврдењата на Мицкоски се чини дека се логично продолжување на јавната политика на неговата партија за барање драматика во преговарачкиот процес и обид за надувување на политичката состојба меѓу Република Северна Македонија и Бугарија со цел да се искористат домашните политички дивиденди. Ваквите настани во никој случај не помагаат да се започне процесот на преговори или да се постигне некаков напредок во врска со каузата на С. Македонија пред другите земји-членки на ЕУ, кои веќе тешко заземаат страна во спорот меѓу двете земји“, вели во изјава за „Локално“, бугарскиот политички аналитичар Љубомир Стефанов, во врска со обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека се водат тајни преговори со Бугарија.
Според него, да се истури повеќе масло на оганот е контрапродуктивно за Бугарија, но и за Македонија, бидејќи тоа покажува дека лидер на македонска партија ги става своите лични политички амбиции над националните интереси.
„Длабоко се сомневам дека што и да произведат наводните тајни преговори може да се спроведе без одобрение од македонското собрание, како што налага уставот на секоја парламентарна република“, прецизира Стефанов.
За португалскиот предлог, тој вели можно е да биде постепено расчистување на спорот и негово разгледување преку специфичната перспектива на поглавјата од преговорите и заедничката стратешка рамка за членство во ЕУ, задржувајќи ја можноста Бугарија да стави вето на затворање или отворање на поглавје.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски преку Фејсбук соопшти дека има алармантни информации повикуваќи се од дипломатски извори за новото предавство кое го подготвуваат дуото Заев-Бучковски
„Бучковски во Софија, а Заев од Скопје, деновиве координираат тајни преговори каде се нуди Декларацијата усвоена од бугарскиот парламент да стане дел од преговарачката рамка со Европската Унија. Дел од документот на бугарското Собрание се оспорување на генезата и посебноста на македонскоит јазик, ревизија на историјата и периодот на нашата антифашистичка борба, како и присвојување на важни личности од македонската историја како бугарски и уште редица отстапки кои се погубни за Македонија“, напиша Мицкоски.
Од Владата, во изјава „Локално“ соопштија дека секој ден има нов антидржавен потег на раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа се неточните и неодговорни изјави со кои свесно ги поткопуваат дипломатските процеси кои се во насока на откочување на евроинтегративниот процес на Северна Македонија што би требало да е заеднички интерес. Нема никакви тајни преговори, македонските позиции се јасно и гласно декларирани и со тоа се запознаени и ВМРО-ДПМНЕ и домашната јавност и пошироката меѓународната заедница.Во сите комуникации на членовите на Владата во секоја прилика се потенцира дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет никогаш не биле и никогаш нема да дозволиме да бидат на масата за преговори со било која страна.Очекуваме во важни периоди за државата максимална одговорност од сите чинители, а не популизам со манипулации за ситно партиски интереси“, информираат од Влада.
Премиерот Зоран Заев денеска повторно им порача на граѓаните да бидат спокојни. Тврди дека македонскиот јазик и идентитет не биле на преговарачка маса со Бугарија.
„Ништо не криеме, ни па нешто поразлично се разговара или преговара. На маса е португалскиот предлог. Ние рековме дека за нас е добра основа на која може да се најде решението… Еве го 22-ри, ќе се знае што е разговарано, тоа е за 18 дена од денеска“, изјави Заев.
Никола Поповски