Брутална предизборна кампања во Мексико: Убиени 91 политичар

од Nikola Popovski
329 прегледи

Во Мексико ќе се одржат општи избори на 6 јуни, а изборната кампања беше обележана со брутално насилство во кое беа убиени 91 политичар, вклучувајќи 36 кандидати на претстојните избори.

Според извештаите во медиумите, мафијашки кланови стојат зад убиствата.

Рене Товар, кандидат за градоначалник на општината Казонес во државата Веракруз од опозициската партија Граѓанско движење, бил застрелан во неговиот дом ноќта на 5 јуни. Тој е последната, 91-ва жртва на предизборното насилство.

Политичката организација Граѓанско движење објави дека го осудуваат убиството.

„Ние најостро го осудуваме кукавичкиот атентат врз Рене Товар, кандидатот за градоначалник на Казонес де Херера. Уште еднаш, бараме владата на Мексико и (федералното) Министерство за внатрешни работи да ја завршат својата работа: да го гарантираат животот и безбедноста на Мексиканците кои се соочуваат со изборите“, било објавено на Твитер.

Кандидатката за градоначалник на Моролеон, Алма Бараган, исто така од редовите на Граѓанското движење, била погодена пред неколку дена со повеќе куршуми и починала само неколку минути откако ги поканила сите свои приврзаници на предизборен митинг.

„Денес е посебен ден“, возбудена пред камерата рекла Алма Бараган (61). Со тоа видео, како кандидатка за градоначалник на Моролеон, град во централно Мексико, таа ги поканила своите приврзаници на предизборен митинг. Тоа било нејзиното последно обраќање, објави претходно Танјуг.

Според податоците на консултантската компанија Етелект, во предизборната кампања во 2021 година во Мексико, биле убиени 91 политичар, од кои 36 се кандидати на претстојните избори.

Според статистичките податоци, во тек е една од најкрвавите предизборни кампањи од 2000 година.

Во Мексико се одржуваат општи избори во недела на 6 јуни за 500 членови на долниот дом на Федералниот парламент, 15 гувернери и неколку стотици градоначалници.

Слични содржини