„На денешен ден, пред 76 години, 7 јуни 1945, на предлог на Министерството за народната просвета, Народната Влада на Македонија донесе „Решение за правописот на македонскиот јазик“ со заклучок истиот да се отпечати во засебни книшки како издание на Министерството за народна просвета“, објави премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук профил.
Тој наведува дека со усвојувањето на правописот на македонскиот јазик се заокружува кодификацијата на македонскиот јазик, по воведувањето на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава (2 август 1944) и усвојувањето на македонската азбука (5 мај 1945).
„Македонскиот јазик ги помина сите фази на создавање, на пробив, на препознавање, на кодификација и на признавање, и тој денес е признаен во целиот свет. Неговата посебност впишана во личната карта на нашата држава во големото семејство на народи и на земји-членки на Обединетите Нации“, потенцира Заев и додава дека оваа Влада, искрено и силно е посветена да го негува и да го унапредува македонскиот јазик. Тоа е така бидејќи нашиот јазик е нашиот идентитет.
„Сѐ дури постои македонскиот јазик ќе постојат и Македонците, сѐ дури постојат Македонците ќе постои и македонскиот јазик. Тоа е така, затоа што тие две нешта не можат едно без друго, затоа што тие постоеле, постојат и ќе постојат во убава и нераскинлива симбиоза. Нашата грижа за правописот на македонскиот јазик ја покажавме со поставувањето бесплатна електронска верзија на Правописот на македонскиот јазик на интернет достапен за секој граѓанин: www.pravopis.mk. “, објави премиерот.