Актуелната генерална секретарка во Собранието Цветанка Иванова и битолскиот адвокат, Васко Талевски, се предложени за избор од Собранието за уставни судии со 9-годишен мандат. Ова засега се неофицијални информации од собраниски извори, а предлозите се уште не се официјализирани на Комисијата за избори и именувања.
Цветанка Иванова, покрај пратеник на СДСМ, е и државен службеник –раководител на одделние за човечки ресурси во општина Струмица. Другиот предлог е битолскиот адвокат, Васко Талевски кој бил во раководните структури на владејачката СДСМ. За третиот предлог кој треба да биде од немнозинските заедници засега не се шпекулира.
Пратеничките групи во Собранието сѐ уште не постигнале договор околу кандидатите за избор на судии во Уставниот суд, поради што и Комисијата за избори и именувања ја одложи вчерашната седница на која прва точка на дневниот ред беше токму утврдувањето на предлогот на кандидатите.
Уставниот суд брои девет судии. Од нив петмина предлага Собранието, двајца претседателот на државата и двајца Судскиот совет. Сите судии се избираат на пленарна седница со апсолутно мнозинство, што значи дека од вкупниот број пратеници, треба да гласаат 61 пратеник. Во моментов, Уставниот суд работи без тројца судии, односно на судиите Сали Мурат, Никола Иваноски и Елена Гошева им заврши мандатот.