Состојбата со вливот на реките во Охридското Езеро е алармантна, реагираат нуркачите од Нуркачкиот центар „Аморфа“, кои изминатиот период работеа на проектот „Подводна еко патрола”.
„Овој проблем е одамна познат во пошироката јавност. Има присуство на големи количини отпад во форма на градежен шут, пластични шишиња, метални канти, автомобилски гуми, разна облека…
Нуркачите од Амфора оваа состојба ја евидентираа со подводно фотографирање и снимање, а изработија и карта со загадени зони (црни точки).
Бидејќи цврстиот отпад доаѓа во најразлични форми и габарит, потребно е сеопфатно решение на овој фундаментален проблем. Постојат неколку практични решенија кои можат да се применат на вливовите. Предлози на меѓународниот нуркачки инструктор Јован Секулоски за наједноставно справување со овој проблем се :
1. Мрежна структура за зафаќање на отпадот која ќе се протега на ширината на вливовите, а потоа ќе се управува од копно или пловен објект.
2. Кит за чистење реки – иновативно решение засновано врз принципот на колекторска мрежа чија цел е да го акумулира отпадот кој лебди или е полупотопен и функционира како природна брана“, велат од „Аморфа“.