Меѓународниот олимписки комитет (МОК) денес избра тим составен од 29 спортисти-бегалци, кои ќе се натпреваруваат во 12 спортови на претстојните Олимписки игри во Токио.
МОК избра 29 натпреварувачи од 55, кои ги напуштија своите земји и добија стипендии за обука во земјите во кои сега живеат.
Тимот е составен од спортисти од Авганистан, Камерун, Конго, Република Конго, Еритреја, Иран, Ирак, Јужен Судан, Судан, Сирија и Венецуела.
Тие ќе се натпреваруваат во пливање, атлетика, бадминтон, бокс, кајакарство, велосипедизам, џудо, карате, стрелаштво, таеквондо, кревање тегови и борење.
„Вие сте составен дел од нашата олимписка заедница и ве дочекуваме со раширени раце“, рече претседателот на МОК, Томас Бах, додавајќи дека овие спортисти ќе испратат силна порака за солидарност, истрајност и надеж кон светот.
Тимот ќе го водат претставници на МОК и УНХЦР на Олимписките игри, кои започнуваат на 23 јули.