Ако се обидувате да изгубите тежина, многу е поважно како јадете отколку што јадете, велат експертите. Тие истакнуваат дека големината на порцијата, побавното јадење и земањето помали залаци храна може да помогнат да се избегне прејадување. Ова за возврат може да ве спречи да се здебелите без премногу да ја ограничувате или корегирате диетата.
Студија спроведена од лекари од Државниот универзитет во Пенсилванија, испитувала навики во исхраната на 44 мажи и жени.
За да се измери нивната конзумација, на мажите и на жените им се сервирале различни големини на тестенини за ручек, еднаш неделно, во период од четири недели. Експертите ги снимале учесниците и анализирале колку брзо јадат, но и колку залаци земаат.
Откриле дека луѓето обично јадат повеќе кога имаат поголема порција пред себе. Ако големината на оброкот се зголеми за 75 отсто, учесниците јаделе во просек 45 отсто повеќе.
Авторот на студијата Пејџ Канингам, докторант на Државниот универзитет во Пенсилванија, рече дека ова е едно од првите студии што ја разгледуваат брзината на конзумирање на храна и големината на залаците во однос на конзумацијата на една личност.
„Врз основа на нашите откритија, свеста за големината на порциите, забавувањето при јадење и земање помали залаци може да помогне да се избегне прејадување. Исто така, бидејќи луѓето јадат повеќе кога повеќе им е послужено, прекумерната конзумација на калории од големи порции може да се намали со избирање храна што има помалку калории по залак“, рече Канингам.
Студијата е објавена во American Society for Nutrition, а учесниците биле разновидни во возраста, полот, телесната тежина, приходот и образованието, пренесува The Sun.