Измените на Законот за работните односи, кој беше усвоен на вчерашната владина седница, прецизно утврдува дека недела е ден на неделен одмор и гарантира дека за над 92 проценти од работниците недела ќе биде неработен ден, соопшти Министерството за труд и социјална работа.
Оттаму појаснуваат дека законот јасно ги дефинира дејностите кои ќе можат да работат во недела и станува збор само за дејности кои се неопходни за функционирање на државата. Како што се додава, вработените во овие дејности ќе добијат дневница повисока за најмалку 50 проценти и слободен ден во наредните седум дена.
„ Во однос на стравувањата на Здружението „Гласен текстилец“ дека преку придружните и помошните дејности во недела ќе работат уште многу други компании и правни субјекти, уверуваме дека тоа е невозможно да се случи бидејќи во членот 2 од Предлогот за изменување и дополнување на Законот за работните односи е дефинирано дека помошните придружните дејности ги пропишува министерот надлежен за работите од областа на трудот преку подзаконски акт. Овој акт мора да се донесе во рок од 60 дена од денот на влегувањето на сила на законот.
Од 1 октомври недела ќе биде неработен ден, најавија премиерот Зоран Заев и министрите за труд и социјална политика и економија Јагода Шахпаска и Крешник Бектеши.
На вчерашната владина седница беше усвоен текстот за измените и дополнувањата на законите за работни односи и за трговски друштва, кој сега чека усвојување од Собранието.
„Неделата станува неработен ден, ден на неделен одмор. Ја продолжуваме поддршката и грижата на работниците, а во фокусот на нашето внимание беше значењето на рамнотежата помеѓу професионалниот и приватниот живот“, рече Заев.