Стефоска на средба со албанската министерка за култура Маргарити во Тирана

од Vladimir Zorba
258 прегледи

Континуирана и интензивна билатерална соработка и координација во контекст на заедничкото управување со Охридскиот Регион во согласност со насоките од последниот извештај на Реактивната мисија на УНЕСКО, заеднички иницијативи и проекти за заштита на охридското крајбрејже како заедничка вредност, како и најава за скорешна заедничка седница на националните комисии за УНЕСКО, беа клучните теми на денешната средба на министерката за култура, Ирена Стефоска, со колешката од Албанија, Елва Маргарити, во Тирана.

Двете министерки ја потврдија традиционалната соработка меѓу институциите и уметниците на двете земји и разговараа за можностите за подобрување на соработката во сите дејности.

Беше поздравено и потпишувањето на Спогодбата меѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија за основање културно- информативни центри во Република Северна Македонија и во Република Албанија, која влезе во сила на 1 април 2020 година, како и денешното официјално отворање на македонскиот КИЦ во Тирана.

Министерките за култура, Стефоска и Маргарити, го реафирмираа и прашањето за потпишување нова Програма за културна соработка меѓу Министерството за култура на Република Северна Македонија и Министерството за култура на Република Албанија за периодот 2021 – 2026 година.

Слични содржини