Рускиот претседател Владимир Путин во интервју за американската Ен-Би-Си Њуз, пред состанокот со претседателот Џо Бајден следната недела, изјави дека руско-американските односи се на најниска точка во последните неколку години.
Путин и Бајден ќе се сретнат во Женева во среда. Белата куќа објави дека Бајден ќе стави на дневен ред прашања како хакерски напади што доаѓаат од Русија, агресијата на Москва врз Украина, затворање на неистомисленици и други прашања што ги загрозуваат тие односи.
„Имаме билатерални односи кои се влошија на најниско ниво во последните години“, рече Путин.
Путин го пофали поранешниот претседател Доналд Трамп како „исклучителна, талентирана индивидуа“ и рече дека Бајден, политичар од кариера, е „целосно спротивното“ на Трамп.
Запрашан да ја коментира изјавата на Бајден во март, нарекувајќи го убиец, Путин одговори дека слушнал десетици такви обвинувања. „Не е нешто што на крајот ме загрижува“, рече тој.
На почетокот на осумдневната посета на Европа, Бајден рече дека Соединетите држави „не бараат конфликт со Русија“.
„Ние сакаме стабилна и предвидлива врска, но јас бев јасен: Соединетите држави ќе одговорат на робустен и значаен начин доколку руската влада преземе штетни активности“.
Ен-Би-Си Њуз наведува дека Путин негирал дека има какви било информации за какви било хакерски напади од Русија и дека го повикал Бајден да склучи договор поврзан со кибернетиката.
Путин, исто така, ги отфрли обвинувањата на „Вашингтон пост“ дека Русија се подготвува да го снабди Иран со напреден сателит што ќе му овозможи да ги следи потенцијалните воени цели на Блискиот исток. Тој тврди дека станува збор за „лажни вести“ и дека не знае ништо за тоа.