Израел се подготвува в недела да сврти нова страница во историјата со очекуваното парламентарно гласање што треба да ја потврди „коалицијата на промени“ и да стави крај на владеењето на Бенјамин Нетанјаху, најдолго во историјата на земјата.
Кнесет се собира на вонредна седница во 13 часот (16 часот по локално време) за да им се овозможи на центристичкиот и опозициски лидер Јар Лапид и на радикалниот десничарски лидер Нафтали Бенет да го претстават својот тим, за кој ќе се гласа во текот на вечерта.
Таа коалиција, која опфаќа две левичарски партии, две партии на десниот центар, три десничарски партии и една арапска партија, успеа да собере мнозинство од 61 член на парламентот, кој брои 120 члена.
Доколку биде изгласан, се очекува Бенјамин Нетанјаху, кој е на власт 12 години, да се повлече.
Соочен со процес поради корупција, Нетанјаху (71) исто така беше мета на протести во саботата. Пред неговата официјална резиденција во Ерусалим, демонстрантите не чекаа да се гласа за да го прослават падот на Биби, прекар за Нетанјаху, кој беше лице на Израел од враќањето на власт во 2009 година, откако веќе беше на чело на владата од 1996 до 1999 година.
Новата коалиција првите две години ќе ја води Нафтали Бенет, шефот на партијата Јамина, а потоа и Јар Лапид за исто време.
По гласањето во Кнесет, официјален трансфер на власта ќе се случи во понеделник во кабинетот на премиерот.