Фудбалската федерација на Мaкeдонија се огласи после вчерашниот инцидент меѓу напаѓачот на Австрија, Марко Арнаутовиќ и нашиот лев бек, Езѓан Алиоски.
„Најостро го осудуваме националистичкиот испад на австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ. Истовремено ве информираме дека поднесовме официјален допис до УЕФА во кој бараме најстрога казна за австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ“, велат од ФФН.
Тие наведуваат дека како “Куќа на фудбалот” секогаш се против национализам, дискриминација и сите други форми на навреди и испади кои не се во духот на фудбалот и вредностите за кои сите заедно се залагаме.
„Секогаш ќе застанеме и ќе ги браниме интересите и достоинството на македонските репрезентативци каде и да настапуваат“, стои во соопштението на ФФМ.
Самиот Арнаутовиќ денес се огласи по повод настаните.
Тој нагласи дека не е расист.
„Имам пријатели од речиси секоја земја и се залагам за различности. Секој кој ме знае е свесен за тоа. Извинете“, напиша Арнаутовиќ на албански и македонски.
„Јас не сум расист и никогаш нема да бидам. Во тој момент тоа беше борба на зборови поради пресилни емоции. Имам пријатели од цел свет. Жал ми е поради инцидентот и се извинувам. Ајде да заборавиме на тоа зошто не е дел од фудбалот“, додал Арнаутовиќ во денешното обраќање до новинарите.
Спортскиот директор на репрезентацијата, Питер Шетел, истакна дека „грдите зборови“ се дел од фудбалот.
„Најважно е дека Марко разјасни сè, дека нема никаква врска со политиката. Исто така е важно што тоа беше решено по натпреварот и двајцата застанаа едни покрај други и разговараа за тоа. Таа тема е завршена, да продолжиме понатаму“, рече Шетел.
Македонија вчера загуби со 3-1 против Австрија на премиерниот настап на нашата репрезентација на некое големо европско натпреварување.