Затворениот белоруски новинар Роман Проташевиќ се појави на прес-конференција во Минск во понеделникот и рече дека се чувствува добро и дека не бил претепан, што опозицијата го оцени како ново појавување во јавноста под присила.
Четири службеници седеа покрај Проташевиќ, двајца од нив во униформа, пренесува Хина.
Тој рече дека не бил принуден да соработува со властите и дека е во добра здравствена состојба, откако беше уапсен минатиот месец. Белоруските власти го принудија авионот на „Рајанер“ да слета во Минск на 23 мај, по што беа уапсени Проташевиќ, критичар на белорускиот претседател Александар Лукашенко и неговата девојка.
„Сè е во ред со мене. Никој не ме тепаше, никој не ме допре“, рече тој.
„Свесен сум за штетата што ѝ ја нанесов не само на државата, туку и на земјата. Сакам сега да сторам се што е во моја моќ да ја поправам ситуацијата“, додаде тој.
Проташевиќ се појави пред камерите неколку пати по апсењето. Тој призна дека планирал да го собори претседателот Александар Лукашенко со организирање „немири“ и се откажа од претходните критики кон долготрајниот белоруски претседател.
„Ова не е прес-конференција, туку сцена на Кафка или Орвел“, напиша Франка Виахорка, советник на Светлана Тихановскаја, опозициски кандидат на претседателските избори минатата година, која е во егзил.
Претходно, властите изјавија дека Проташевиќ е екстремист кој поттикнува насилство и инсистира на тоа дека телевизиските „признанија“ на членовите на опозицијата биле доброволни.