Вооружени лица кои денеска нападнаа членови на тимот за вакцинација против детска парализа во источен Авганистан убија четворица здравствени службеници и ранија уште неколку лица.
Ниту една милитантна група досега не презеде одговорност за нападите во градот Џалалабад, а заедно со четворицата убиени, ранети се уште најмалку тројца членови на медицинскиот тим, изјави Јан Мохамед, координатор за вакцинација против детска парализа на истокот од земјата, пренесува АП.
Авганистан и соседен Пакистан се единствените преостанати земји во светот каде што детската парализа е ендемична, откако минатата година Нигерија беше прогласена за слободна од вирусот.
Во март, терористичката организација Исламска држава прифати одговорност за убиството на три медицински сестри, кои беа дел од тимот за вакцинација против детска парализа, исто така во Џалалабад, главниот град на авганистанската провинција Нангархар.