Студената војна е последното нешто што Путин го сака, рече американскиот претседател Џозеф Бајден по средбата со рускиот лидер.
По средбата, Бајден одржа прес-конференција, на која рече дека Русија и Америка мора да имаат разбирање, и покрај бројните разлики.
„Ние водиме две големи и горди светски сили“, рече Бајден. Тој посочува дека неговите постапки не се насочени против Русија, туку само во корист на американскиот народ.
„Му реков дека човековите права се една од најважните работи во светот, и ние мора да реагираме кога која било земја ги крши, па дури и Русија“, рече Бајден за разговорот со Путин.
Тој особено го посочи случајот со Алексеј Навални, но и моменталната состојба на медиумите во Русија.
„Загрижени сме за случајот Навални, за тоа се залагаме. Слободата на медиумите во Русија е исто така важна, нема да толерираме обиди за дестабилизација на демократијата“.
Американскиот претседател вели дека е потребно да се утврдат правила за иднината на соработката меѓу овие две земји, на кои лидерите ќе се придржуваат.
Бајден, како и Путин, посвети посебно внимание на безбедноста во мрежата. Тој рече дека Америка идентификувала одредени сајбер инфраструктури кои се „забранети“.
Русија во принцип се согласи дека ваквите активности се неприфатливи, „но ова мора да биде поткрепено со однесување во пракса“.