Крај на една ера во Реал Мадрид. Заминува легендарниот капитен кој 16 од своите 35 години ги помина во клубот за кој одигра 671 натпревар и го водеше до сите национални, континентални и светски титули.
Ова сега е официјално потврдено затоа што Реал објави дека Рамос денес ќе има обраќање до печатот, за кое се знае дека е збогување.
Со месеци траеше „натегањето“ на Реал, поточно на претседателот Флорентино Перез и еден од најголемите играчи во историјата на најголемиот клуб.
Договорот на Рамос со Реал завршува на 30 јуни, а клубот му понуди продолжување минатата година. Сепак, со оглед на возраста на Рамос (тој наполни 35 години во март) и корона-кризата, тој му понуди продолжување на само една сезона и 10% намалување на платата.
Рамос заработува 18 милиони евра годишно, па не би го ни почувствувал намалувањето, но не сакаше да се согласи на намалување на платата. Покрај тоа, тој инсистираше на продолжување на две години. Перез во никој случај не сакаше да попушти и ова доведе до разделба.
Шпанските медиуми сега откриваат дека на почетокот на неделата Рамос ја проголтал својата гордост, но залудно. „АБЦ“, вториот најчитан дневен весник во Шпанија и најчитаниот во Мадрид, открива дека „Рамос ја загубил битката со Перез и го признал тоа повикувајќи го претседателот и велејќи дека е подготвен да го прифати она што го одбивал повеќе од половина година – да потпише со Реал Мадрид уште една година и со 10 проценти помала плата, но Перез го одбил“.
На иста линија беше и радио емисијата „Партидазо“ на станицата „Копе“, која објави: „Рамос во никој случај не сакаше да го напушти Реал и се надеваше до последен момент дека ќе остане. Сега тој знае дека нема ништо од тоа“.