ДКСК смета дека нема судир на интереси при изборот на поротникот Митко Сандев, за кој ВМРО – ДПМНЕ тврди дека е член на партијата на пензионерите која пак е коалициски партнер на СДСМ.
-Во конкретниот случај за кој политичката партија укажува, ДКСК не утврди прекршување на одредбите за судир на интереси согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Исто така, ДКСК констатира дека во Законот за судовите и Етичкиот кодекс за судиите и судиите-поротници не постојат јасни и прецизни критериуми за избор и ограничувања на судиите-поротници, се вели во мислењето на Комисијата.
Од Комисијата појаснуваат дека начинот и критериумите за избор на судии и судии-поротници, како и ограничувањата при нивниот избор се уредени во членовите од 41 до 50 од Законот за судовите.
-Притоа, во член 42 став 2 е наведено дека за судија-поротник може да биде избран полнолетен државјанин на Република Македонија со завршено најмалку средно образование, кој активно го владее македонскиот јазик, ужива углед за вршење на оваа функција и кој не е постар од 60 години, а во член 43 став 1 оти при изборот на судии и судии-поротници не смее да се врши дискриминација во однос на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба“. Наведените одредби не укажуваат на посебни критериуми при изборот на судии-поротници и истите забрануваат дискриминација, појаснуваат од ДКСК.