Џејми Варди со години е лидер на тимот и негов најдобар стрелец. Оваа пролет, со него е разбудениот Келечи Ихеначо. А од есен, Лестер (би) треба да има уште еден продуктивен напаѓач. Како што стојат работите, шпиц на лисиците во новата сезона ќе биде – Патсон Дака.
Станува збор за репрезентативецот на Замбија, кој безмилосно ги тресе мрежите во дресот на Ред Бул Салцбург, а доколку нема голем пресврт, 22-годишниот офанзивен играч ќе се појави на стадионот „Кинг Пауер“ следната недела. Според тврдењата од Островот, како и некои извори од Австрија, челниците на Салцбург ја прифатиле официјалната понуда на Лестер и се договориле да го продадат најдобриот играч ова лето.
Количината на пари што Лестер му ја понудил на Салцбург сè уште не е позната, иако се претпоставува дека се работи за помеѓу 22.000.000 и 30.000.000 евра.
Во секој случај, би се рекло дека Брендан Роџерс направи многу, бидејќи ќе добие продуктивен играч. Патсон Дака постигна 61 гол на 96 натпревари во сите натпреварувања во последните две сезони во дресот на „биковите“. Во просек, тој ја тресе мрежата двапати на три натпревари. Секако, австриската Бундеслига не е ни близу до Премиер лигата, но Дака ја надживеа средината и му треба нов предизвик.
Минатата сезона, тој беше најдобар стрелец на австрискиот шампионат (27 гола), забележа најмногу удари кон противничкиот гол (вкупно 90, во просек по 2,21 по натпревар), а од сите голови во претходниот циклус, само еден беше постигнат од пенал.
Во изминатите недели се споменуваше дека Дака е мета на Ливерпул, Челси, Лајпциг, Рома, меѓутоа, според последните информации, следната дестинација му е Лестер.