Вучиќ: Сакам Обрадовиќ да го врати Партизан на европскиот трон

од Nikola Popovski
294 прегледи

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го коментираше потенцијалното доаѓање на Жељко Обрадовиќ на клупата на Партизан.

По прославата на Денот на полицијата и Министерството за внатрешни работи, Вучиќ го коментирал потенцијалното доаѓање на легендата на Партизан во неговиот клуб.

Обрадовиќ, деветкратниот освојувач на Евролигата, предизвика невидена еуфорија кај навивачите на Партизан, иако договорот сè уште не е официјализиран.

Неговото враќање по бледата сезона на Партизан ќе ги направи шампионатот и трката во АБА далеку поинтересна, што прокоментирал и Вучиќ.

„Фантастични вести, ако се точни. Честитки за Жељко, честитки и за Партизан. Одлична вест за нашата земја. Тој е легенда, има најмногу евро трофеи. Како што со нетрпение го чекав враќањето на Владимир Пиштал, Стефан Миленковиќ… така, со нетрпение го очекувам и доаѓањето на Обрадовиќ во Партизан. Му посакувам многу успех и победи, Партизан и Србија да се вратат на европскиот трон“, рекол Вучиќ.

Обрадовиќ реши да се раздели со Фенербахче среде пандемијата на коронавирус и се збогуваше на 23 јуни минатата година.

Тој зеде една година пауза и се одмори, исто како што направи и кога го напушти Панатинаикос.

Сепак, кошаркарскиот повик е секогаш силен за Жељко, па се надеваат на конечен договор во црно-белиот табор.