Десничарската француска партија Национално собрание на Марин Ле Пен, води во првиот круг на регионалните избори во регионот на Прованса-Алпи-Азурниот брег околу Марсеј, според излезните анкети по изборите, на кои учествуваа рекордно мал број Французи.
Тиери Маријани од Националното собрание освои 33 проценти од гласовите, според излезната-анкета, три проценти повеќе од Рено Музелие од Републиканската партија, која склучи сојуз со партијата на францускиот претседател Емануел Макрон, пренесе Ројтерс.
Според две излезни анкети, десноцентристичката републиканска партија е на првото место во првиот круг од регионалните избори во северниот регион От-де-Франс, водејќи пред крајнодесничарското Национално собрание.
Партијата на францускиот претседател Емануел Макрон, „Република во движење“, не успеа да го надмине прагот од 10 проценти за да се квалификува во вториот изборен круг.
Според агенцијата Елабо, излезноста низ целата земја е на рекордно ниско ниво, со стапка на воздржаност од 68,5 проценти, бидејќи гласачите претпочитаа да уживаат во сончевиот ден по неколкумесечни ограничувања поради ковид-19, според Ројтерс.
Вториот круг на регионални избори ќе се одржи на 27 јуни.
Регионалните избори се тест за популарноста на десничарската лидерка, Марин Ле Пен и нејзиниот поумерен имиџ, помалку од една година пред следните претседателски избори.
Според анкетите, Ле Пен е рамо до рамо со Макрон, објави европски „Политико“.
Социјалистите и конзервативните републиканци (ЛР), кои доминираа во француската политика до поразот во 2017 година, сè уште добро се држат на регионално ниво.
Секој од нив во моментов има моќ во пет региони, од вкупно 18.
Националното собрание е во позиција да добие моќ во барем еден регион, што би било првпат во историјата на Франција.
Многумина во Франција сметаат дека регионалното гласање е чекор кон Елисејската палата за Марин Ле Пен, која ги загуби изборите во 2017 година токму од Макрон, изјави „Еуроњуз“.