МЖСПП: Концентрацијата на ПМ 10 честичките во текот на вчерашниот ден е благо надмината

од Берта Китинска
269 прегледи

Среднодневните концентрации на ПМ 10 честичките за вчерашниот ден се благо надминати на речиси сите мерни места, освен на мерното место во Гевгелија, информира Министерството за животна средина и просторно планирање.

 

– При анализа на квалитетот на воздухот се зема предвид и временската прогноза која ја добиваме од УХРМ. Според последниот неформален разговор со УХМР во изминативе денови забележено е движење на топла воздушна маса која носи прекугранична прашина, се претпоставува дека станува збор за пустински ветер и истиот може да продолжи и во наредните денови, информира МЖСПП.

Од Министерството велат дека забележано е надминување на среднодневната концентрација на ПМ 10 честичките и на мерното место во Лазарополе, каде во вообичаени услови нема надминувања.

Во врска со забележаната висока вредност на ПМ 10 суспендираните честички на мерното место Ректорат и Миладиновци, Министерството информира дека е резултат на прекин на напојување со електрична енергија при што настанува прекин во мерењата на сите параметри за квалитет на воздух вклучувајќи ги и мерењата на концентрацијата на ПМ 10 честичките.

– По доаѓањето на електричната енергија мерните инструменти се рестартираат, а појавените високи вредности на измерени концентрации на суспендираните ПМ честички се случуваат поради процесот на стабилизација на инструментот по неговото повторно ставање во функција и се невалидни, се вели во соопштението.

Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека во тек е консултација со Државниот инспекторат за животна средина за проверка на евентуално други можни извори на загадување.

Слични содржини