Независниот синдикат на полицијата на денешната прес-конференција го изрази своето незадоволство од потпишувањето на Колективниот договор од страна на Македонскиот полициски синдикат и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски
– Јас сум претседател на синдикат што брои повеќе од 3.000 вработени кои се гневни на тоа што го пишува во Колективниот договор, односно договор препишан од претходната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска. Вие всушност го препишавте договорот на ВМРО-ДПМНЕ и го потпишавте вчера, изјави претседателот на Независниот синдикат на полицијата, Гоце Делчев Тодев.
Тодев посочи дека добиле Колективен договор во којшто истиот член единствено се поместува во член 5, а Македонскиот полициски синдикат е впишан дури 88 пати. Тој, исто така, информираше дека јавноста почесто ќе биде известувана за неправилностите на Колективниот договор.
Претседателот на Конференцијата на синдикални организации на Македонија, Маријан Ристески информираше дека непосредно пред денешната прес-конференција со Кабинетот на Владата е договорена средба за 29 јуни и се надева дека тоа ќе биде „последен обид за добивање социјален дијалог”.
– Доколку од средбата излеземе незадоволни, ќе одржиме состанок и ќе известиме за понатамошните дејствувања. Од ова што се случи вчера со срамото потпишување на тој Колективен договор, најмногу штета има самиот министер кој ни остави впечаток дека конечно и ние ќе бидеме вклучени и ќе придонесеме со нашето искуство како синдикалци да ги ставиме законските права на работниците, што во изминатиов период секојдневно се губат, вели Ристески.
Тој истакна дека дописите од европските и светските синдикати покажуваат дека синдикалното делување и слобода во државата не се на тоа ниво на кое треба да бидат.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и претседателот на Македонскиот полициски синдикат Марјан Кицев, вчера во Клубот на пратеници потпишаа нов Колективен договор на Министерството за внатрешни работи, што како што најавија претставува производ од меѓусебните разговори и дијалог, со цел понатамошно квалитативно надградување на сите социјални и професионални, нормативни и други стандарди неопходни за подобрување на условите на работа на вработените.