Евроамбасадорот Дејвид Гир во гостувањето во тема на денот на телевизија Сител, кажа дека Македонија си ја заврши „домашната задача“ и дека ЕУ мора да испорача.
-Сакаме да почнеме преговори кои се всушност стартната линија. Но, картата за во ЕУ се реформите. Секој реформски чекор е чекор поблиску до ЕУ .Дали октомври е реалистичен? Да! Како што кажав португалското претседателство работеше напорно, Словенија потенцираше дека ова и е приоритет и ќе ја продолжи работата и мислам дека сите разбираме дека треба да продолжиме да го туркаме процесот за да стасаме до целта и да ги почнеме преговорите, нагласи Гир.
Евроамбасадорот Гир, вели дека тоа што не се оспорува е европската перспектива на Македонија и истакна дека е разочаран што земјава повторно не доби зелено светло за преговарачката рамка.
– Секако дека сум разочаран, сакавме да видиме што поскоро отворање преговори, последните 15 месеци беа тешки за сите, со ковид пандемијата, нормално е луѓето да сакаат да слушнат добри вести. И луѓето знаат дека ЕУ претставува најдобра можност за просперитет, стабилност, поткрепена од демократските принципи и владеењето на правото. Па сакаат да се придвижат напред, да го видат патот напред. Но, мислам дека е важно да се вратиме чекор назад и да имаме чисти глави. Она што не е доведено во прашање, она што не се оспорува е европската перспектива на Македонија, потенцира Гир.
Јасно е, додаде, дека тоа останува стратешка цел на ЕУ, да ја види Македонија како дел од ЕУ.
– Тоа не е доведено во прашање, напротив, во Советот и земјите членки имаме повторена потврда дека ова е наша стратешка цел и мораме да држиме фокус на тоа. Што тоа значи во пракса? Сега мораме да продолжиме со напорите, го видовме португалскиот предлог, тие дадоа предлог како да се постигне напредок, и одреден напредок беше постигнат, па мора да продолжиме да работиме со нив и да работиме кон оставрување на оваа цел, порача Гир.