Во делови од Балканот можно е да се очекува појава на торнада, но доколку се појават тие би биле со помал интензитет во споредба со оној во Чешка, вели метеорологот Славчо Поповски во изјава за „Локално“, додавјаќи дека честите временски непогоди низ Европа може да се очекуваат и понатаму.
-Торнадото во Чешка дојде поради премногу нестабилната атмосфера и исполнета си многу енергија поради високите температури на воздухот. За жал ова катастрофално невреме однесе и човечки животи, објаснува тој.
Според него честите временски непогоди низ Европа може да се очекуваат и понатаму, потенцирајќи дека нема да бидат исти како невремето од Чешка.
-Временски непогоди можни се и на Балканскиот Полуостров кој би можеле да условат и штети. Дури во делови од Балканот можно е да се очекува појава и на торнада.Обично до вакви невремиња доаѓа по вакви големи горештини и многу високи температури на воздухот и тоа поради многу загреаната атмосфера, вели Поповски.
Во однос на тоа на што се должи промената на климата изминатиов период во Македонија, откако по голем број дождливи денови и пад на температурите го чуствуваме топлотниот бран, Поповски објаснува дека нашата територија се наоѓа под директно влијание на студените воздушни маси од север и многу топлите од југ.
-Сметам дека промена на климата не ни се случува. Ние се наоѓаме под директно влијание на студените воздушни маси од север и многу топлите од југ. И токму затоа ни се случуваат овие нагли промени на временските услови кај нас ( од многу студено на многу топло и обратно). Инаку овие денови нашата територија ја зафати топлотен бран кој условува натпросечно високи температури, топлотниот бран ќе се задржи и во поголемиот дел од следната недела кога температурите ќе се искачуваат во интервалот од 33 до 40 степени, во најтоплите предели истите и ќе го надминат 40тиот степен. Времето ќе биде претежно стабилно и сончево со мала локална облачност, иако локално не се исклучува можноста за краткотрајна нестабилност во попладневните часови. УВ ИНДЕКСОТ и понатаму ќе има ЕКСТРЕМНО ВИСОКА вредност ( коефициент од 10 до 11), вели тој.
Б.М.