Премиерот Зоран Заев ја поздрави одлуката на Собранието, дел од Шар Планина да стане национален парк.
-Со прогласувањето на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категорија II, односно за национален парк, нашата држава го добива четвртиот национален парк и прв од прогласувањето на независноста, со што вкупната површина на заштитени подрачја на национално ниво ќе изнесува 13,2% од севкупната територија на Северна Македонија, објави премиерот.
Според него, со оваа одлука Владата спроведува континуирани политики за заштитата на природата, за зачувување на уникатните природни вредности, за заштита на специфичниот биодиверзитет и пределска разновидност, но и за отворање на нови можности за одржлив развој на локалната економија.
-Како ниту една друга Влада, во последните 4 години покренати се иницијативите за заштита на Осоговските Планини, на Шар Планина и на Водно, нагласи премиерот.
Пратениците во Собранието со мнозинство од 66 гласови дадоа зелено светло за Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк.
Со изгласувањето на овој Закон нашата држава го доби четвртиот национален парк по прогласувањето на последниот во 1958 година и првиот по осамостојувањето.
Министерoт за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, истакна дека со прогласувањето на Шар Планина за заштитено подрачје се стави под заштита и се овозможи воспоставување на систем за одржливо управување на подрачје кое е ризница на биодиверзитетот, дом на две третини од сите растителните видови во Северна Македонија и богат и ендемичен растителен и животински свет.