Едвард Џозеф, професор и поранешен претставник на Меѓународната кризна група, на „Преспа форум за дијалог“, изјави дека ЕУ извршила предавство на сопствените вредности со незапочнувањето преговори со С Македонија.
На една од дебатите која се одржа на „Преспа форум за дијалог“ во Охрид, Џозеф изјави дека ЕУ „извршила предавство“ со тоа што не еднаш, туку двапати не успала да почне преговори со земјава и покрај тоа што Скопје исполнило се што е побарано.
„Кога една земја ќе направи тоа што е побарано од неа, а ЕУ потоа не испорачува, што прв пат се случи во 2019 г. кога Франција ја блокираше Северна Македонија, тоа доби соодветен назив – историска грешка. Кога ЕУ го направи тоа вторпат, сега, преку ситуацијата со Бугарија, тоа е предавство. Тоа е предавство на европските вредности. Тоа е предавство на почитувањето што го посакувате од Американците и природата на, цитирам „партнерството со ЕУ за Балканот“. Тоа е предавство. Идејата дека ЕУ ќе го „преземе“ Балканот и ќе го продолжи овој пат е фарса“, рече Едвард Џозеф.
Претставникот на Холандија во земјава, амбасадорот Дирк Јан Коп во одговор на неговите тези сподели дека „Брисел не е исто што и Вашингтон“.
„Tоа што нашиот американски пријател целосно го заборави е една разлика меѓу САД и Европа, а тоа е што Алабама нема право на вето на надворешната политика на Вашингтон. Во Европа, Бугарија има. Тоа се нарекува – владеење на правото. Ви се допаѓало тоа или не, тоа се нашите правила и Бугарија ги користи. Владеењето на правото, за мене, е многу поважно од збор како „почит“ кој јас, вообичаено, го резервирам за шефовите на мафии“, изјави Дирк Јан Коп.
Она што навистина загрижува е, според него, е дека 56% од луѓето сметаат оти Владата не може да ги постигне своите цели без притисок од странство, како што покажала неодамнешна анкета.
– Ова е земја која е независна една генерација и е суверена држава. Тоа е основен проблем во овој регион, дека некако, за разлика од Балтикот, да речеме, не успева да биде господар на својата судбина. Има кинеска поговорка која гласи – зошто ме мразиш, јас не ти помогнав. И ние сме тука, вклучени во се што се случува, апсолутно подготвени да помогнеме, апсолутно решени да го внесеме овој регион во ЕУ. Но, да зборуваме за историски грешки и предавство е апсурдно, кажа Јан Коп.