Белорусија ги пропушти мигрантите на граница, Литванија прогласи вонредна состојба

од Stefanija Kuzmanovska
298 прегледи

Литванија прогласи вонредна состојба поради приливот на мигранти од Белорусија во последните неколку дена, а министерот за внатрешни работи Агне Билотаит изјави дека мерката не е воведена од безбедносни причини, туку за поефикасно управување со миграцијата.

Литванската влада воведе вонредна состојба откако во последните неколку дена над 150 мигранти илегално ја минаа литванско-белоруската граница.

– Многу е важно да имате правен систем и инструменти за да можете брзо да носите одлуки како одговор на новите предизвици – рече министерот.

Бројот на задржани мигранти на границата е три пати поголем од претходно, соопштија литванските власти.

Снимките од надзорните камери на границата покажуваат како луѓето ја прескокнуваат оградата и трчаат преку границата.

Повеќето од овие мигранти претходно побарале азил во Литванија, а меѓу нив има Авганистанци, Камерунци, Ирачани и Сиријци.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко неодамна предупреди дека земјата ќе ги намали граничните контроли за мигрантите без документи, како одговор на санкциите наметнати на Белорусија од страна на Европската унија.

Слични содржини