Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина Шефик Џаферовиќ ја прими македонската делегација, составена од пратеникот на ДУИ, Изет Мезити, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу и претседателот на Унијата за демократија, Рафет Муминовиќ.
Тројцата му го презентирале на членот на Претседателството на БиХ, проектот за изградба на меморијален споменик посветен на жртвите на геноцидот во Сребреница, кој ќе биде поставен во општина Чаир.
Џаферовиќ им се заблагодарил на гостите што дале исклучително важен придонес за зачувување на споменот на жртвите од геноцидот во Сребреница преку изградбата на овој комеморативен комплекс.
Тој додал дека сите во регионот треба да ги прифатат пресудите на меѓународните судови за геноцидот во Сребреница и дека вистината и правдата се единствената здрава основа врз која може да се врати довербата и да се изгради подобра иднина.