Заразените со делта сојот се невакцинирани, лекарите предупредуваат за брзо ширење на мутацијата во земјава

од Берта Китинска
358 прегледи

Регистриран е четврти случај на заразен со делта сој на коронавирусот во нашата држава, а четири други лица се суспектни.

Новорегистрираниот со индиската варијанта се лекува во болницата во Велес и е со лесна клиничка слика. Од четирите суспектни на делта сојот, едниот е во лоша здравствена состојба, приклучен на респиратор, а три лица се со стабилна клиничка слика, информираше  министерот за здравство Венко Филипче.

Од министерството за здравство информираа дека ниту еден од ковид позитивните пациенти кај кои е изолиран делта сојот на SarsCov2 не е вакциниран за Ковид 19.

Уште два случаи на делта-сојот на коронавирусот биле потврдени во лабораторијата на приватната клиника „Жан Митрев“ од каде преку соопштение предупредуваат дека се шири новата варијанта на ковид-19.

„Уште од самиот почеток на пандемијата, во лабораторијата редовно се врши секвенционирање на позитивните примероци со цел детекција на нови соеви во државата. Сите позитивни примероци за кои внимателно се утврдува дека се сомнителни за некој друг сој на вирусот, различен од доминантниот, подлежат на понатамошно секвенционирање и утврдување на конкретниот сој. Во овој случај беше детерминирано дека се работи за делта сојот, уште познат и како индиски сој“, велат од „Жан Митрев“.

Д-р Игор Николов од Клиниката за нефрологија во „24 анализа“, пак, напомена дека земјава се наоѓа во речиси слично сценарио споредено со лани ова време.

– Ова ми личи на слично сценарио што ни се случи минатата година. Лани во овој период мислевме дека сè е под контрола и дека нема потреба од нови мерки. Сите сме сведоци дека дискотеките се преполни со луѓе. Би предложил до Комисијата за заразни болести да бидат попрофесионални и во неа да се вклучат луѓе експерти од сите Медицински факултети од земјава. Исто така, многу е важно да се забрза процесот на вакцинација. Ние не смееме да дозволиме да ни се случи истото сценарио од лани. Ние треба сериозно да се подготвиме, бидејќи постои потенцијален ризик. Следејќи го примерот на земјите кои сè уште немаат спроведено вакцинација, а каде е присутен Делта сојот, имаме сериозни компликации на болести, вели д-р Игор Николов од Клиниката за нефрологија и додаде дека мораме да го забрзаме процесот на вакцинација и да се опфатат оние вакцинални џепови, каде што ние до сега не успеавме да ги контактираме возрасните лица, неподвижните лица, оние лица кои што немаат пристап до интернет.

– Доколку не го забрзаме процесот на вакцинација, ние ризикуваме четвртиот бран да биде навистина голем и да имаме зголемен број на починати. Политичарите треба да бидат многу внимателни со нивните изјави и она што е најважно е да не се паничи, туку да се подготвуваме реално за она што не очекува, додаде Николов.