Осум месеци по терористичкиот напад во Виена, германската полиција изврши претрес во становите и уапси две лица, кои се поврзани со тоа злосторство.
За потсетување, во тој напад беа убиени четири лица, а странските медиуми наведуваат дека станува збор за лица за кои постои сомневање дека знаеле за намерите на виенскиот терорист Кујтим Фејзулај.
Обвинителството од Карлсруе се сомнева во двајца исламисти од Оснабрик и Касел дека тие го познаваат виенскиот терорист и знаат за неговите терористички намери. Еден од нив е Блинор С., со потекло од Косово, а другиот Дриjон Г., германски државјанин со албанско потекло.
Двајцата на денот на нападот во Виена започнале да ја бришат целата комуникација со терористот од своите мобилни телефони и социјалните мрежи. Обвинителството ги обвинува за тоа што не предупредиле за терористички напад.
Кујтим Фејзулај, Австриец со потекло од Северна Македонија, изврши терористички напад во Виена на 2 ноември. Уби четири лица и рани повеќе од 20 лица, пред полицијата да успее да го „неутрализира“.