Одбраната на обвинетите за случајот „Диво Насеље“ денеска, на јавна седница пред Врховниот суд, побара укинување на пресудата и случајот да се врати на повторно судење или таа да се преиначи во ослободителна.
Сите 4-ца присутни од вкупно 7 доживотни осуденици тврдеа дека не биле организатори ниту терористи туку само се бореле за подобри права на АЛбанците кои според нив биле тероризирани од Никола Груевски и неговата компанија односно партијата ВМРО-ДПМНЕ. Осудените Шеху, Анди Красниќи-Малишева, Бегу Бајро и единствениот од Македонија Фејзула Рушидовски ја обвинуваа претходната власт за терор и организација на Диво Насеље, но внимателно во овој контекст избегнуваа да го стават во уста и помалиот коалиционен партнер ДУИ.
Адвокатот Насер Рауфи, кој пред Врховниот суд зборуваше за двајца од обвинетите Амди Красниќи и Дем Шеху, укажа на повеќе суштествени повреди на кривичната постапка од Кривичниот и Апелациониот суд.
„Не беше дозволено одбраната да поставува прашања на сведоци предложени од другите бранители. Не се прифати предлогот да се повикаат и сослушаат вештите лица кои ги изработиле вештачењата, со што беше повредена еднаквоста на оружјата“, изјави Рауфи.
Судскиот процес се водеше за кривичните дела тероризам и терористичка организација. Првично, во постапката беа опфатени 29 лица, а подоцна случајот се спои со предметот „Молња“ каде што имаше уште осум лица кои се гонеа како помагачи на вооружената група.
Првостепената пресуда Основниот кривичен суд ја донесе на 2 ноември 2017 година, а таа во јули 2019 беше потврдена и од Апелација. 33. лица кои беа прогласени за виновни добија: седум доживотен затвор; 13 осудени по 40 години затвор; шестмина по 20 години; еден 18 години; двајца 14 години; двајца 13 години; двајца 12 години затвор.