Критичар на Ердоган нападнат во Германија: „Нема веќе да пишуваш“

од Vladimir Zorba
212 прегледи

Турски новинар, кој е отворен критичар на претседателот Реџеп Таип Ердоган и живее во егзил во Германија, бил повреден откако е нападнат пред неговата куќа од три лица.

Според светските медиуми, тројца наводно го предупредиле да престане да пишува.

Ерк Аџарер, колумнист за турскиот весник Биргун, во видеото објавено на Твитер рече дека нападот се случил доцна во средата навечер во дворот на неговиот дом надвор од Берлин, пренесува агенцијата АП.

Тој има оток на главата и бил задржан во болница неколку часа на опсервација.

Берлинската полиција го потврди нападот, наведувајќи дека Аџарер бил нападнат од неколку лица во средата вечерта во областа Рудов.

На видео на Твитер, Аџарер рече дека еден од напаѓачите го предупредил на турски: „Повеќе нема да пишуваш“. Претходно, новинарот ја објави својата фотографија, пишувајќи дека бил нападнат со „тупаници и ножеви“.

„Ги познавам напаѓачите. Никогаш нема да се покорам на фашизмот“, напиша Аџарер.

Тој беше меѓу групата новинари кои беа гонети за известување за погребот на турскиот разузнавач кој беше убиен во Либија и погребан тајно. Пет новинари се осудени за кршење на законите на турските разузнавачки служби и откривање на доверливи информации, а постапката против Аџарер продолжува.