Потребите на граѓаните за користење јавен превоз, трасите по кои ќе се движaт т.н. трамваи на тркала, организацијата на станиците и наплатата на билетите беа главните теми на кои дискутираа експертите по денешната презентација на системот за брз автобуски превоз (БРТ) во Скопје, која се одржа во хотелот „Хилтон“.
На презентацијата присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов, помошник-директорот на ЕБОР, Јан Џенингс, сообраќајниот експерт од областа на јавен градски превоз, Никола Крстаноски, сообраќајниот експерт за БРТ, Градимир Стефановиќ, генералниот менаџер на израелската компанија „РОМ транспортејшн“, Моше Хирш, вицепремиерот Љупчо Николовски, претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, градоначалници и претставници од невладиниот сектор.
Професорот Никола Крстаноски од Техничкиот факултет во Битола, каде што држи настава по предметите Јавен градски превоз и Урбани транспортни системи, кој магистрирал и докторирал во САД, беше категоричен дека Скопје доцни 40 години да направи квалитетен исчекор во унапредување на јавниот превоз.
„Системот за брз автобуски превоз е нов тип на јавен градски превоз, со физички издвоена траса за автобусите, со станици од затворен тип, со приоритет на сигнализираните крстонсици, информации за патниците во реално време, како и со паметни билети. Наплатата, односно валидацијата на билетите ќе се врши на самата станица што ќе овозможи што е можно пократко задржување на возилата на брзиот автобуски систем на станиците заради влез и излез на патниците“, посочи професорот.
Со БРТ се воспоставуваат две линии со коридори резервирани само за ултраеколошките автобуси – од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода. Трасата со правец запад-исток е во должина од 12,8 км во една насока, со 21 станица, а трасата со правец север-југ е во должина од 10,4 км и 20 автобуски станици.
Професорот Крстаноски нагласи дека делницата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, од крај до крај ќе се поминува за околу 30 минути. Меѓу станиците се постигнува брзина на движење од 50 километри на час.
„Според меѓународната методологија за рангирање на брзите автобуски системи овој систем е бодиран како сребрен стандард, меѓу највисоките стандарди. Во Европа таков систем има уште во Руен, Франција и во предградие на Париз“, објасни тој.