Од Ново Лисиче до Ѓорче за 30 минути со автобуско метро

од Берта Китинска
345 прегледи

Од Ново Лисиче до Ѓорче Петров ќе се стасува за 30 минути со новиот Бас рапид транзит (БРТ) или автобуско метро.

Возилата ќе се движат по посебната лента која ќе биде во средишните жардинери, а ќе биде одвоена од лентите за сообраќај со зеленило од двете страни. Станиците ќе бидат од затворен тип, што значи наплатата ќе се врши во нив по принципот на метро станиците, а не во автобусите. Со тоа, пократко ќе биде задржувањето на патниците и ќе се овозможи поголема брзина на возилата.

Градоначалникот Петре Шилегов кажа дека дрвјата кои сега се наоѓаат во жардинерите нема да се исечат туку ќе се пресадат, а со решението ќе се дуплира зеленилото бидејќи ќе бидат изведени зелени коридори од двете страна на трасата каде ќе минуваат возилата од БРТ.

„Јас сум горд што Град Скопје почнува да го реализира овој проект кој ќе има сериозен импакт во намалување на загадувањето. Ќе направиме сè да го зачуваме зеленилото. Сега на овој потег има 7.759 садници и билки, а со новото решение ќе го дуплираме зеленилото и ќе има 15.000 садници“, рече Шилегов.